Лековитите билки пред истребување!?

Берачи на лековитите билки ги опустошиле македонските планини, ливади и полиња со неконтролираното и нестручно берење на тревките на кои веќе им се заканува исчезнување, предупредуваат дел од професорите и студентите од скопскиот Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет.

Тие велат дека некогаш преполните планински полиња, кои биле неверојатно богатство од чаеви и други билки што се корист во медицината, денес за неколкупати е намален. Исчезнувањето најмногу им се заканува на кантарионот, жалфијата, камилицата, планинскиот чај, орхидеите, ајдучката трева, мечкиното уво и растението кое во народот е познато како сириштана… на подрачјата на Шар Планина, Галичица, но и на други планини во земјава.

Членови на Истражувачкото друштво при Институтот за биологија при нивните теренски истражувања утврдиле дека на поголемиот број места значително е намален бројот на примероци од одреден вид растенија. Со ова се оневозможува нормалната репродукција на растението.

– Неконтролираното собирање на ретки растенија од голем број берачи ги истреби лековитите тревки кои успеваат на локални подрачја. Лековитите растенија треба да се собираат совесно и рационално. При собирањето треба да се води сметка на секое живеалиште да се остават барем по 10 до 20 примероци или 40 отсто од хербата, за да се овозможи понатамошна нормална репродукција на растението. Но, тоа не е случај со сите нашите берачи, од кои некои собираат с`, буквално искорнувајќи ја билката сосе коренот. На тоа место веќе нема да изникне нова единка – објаснува Љубица Жупаноска, претседател на ова истражувачко друштво.
alternativna medicina

Владо Матевски, професор од Институтот за биологија, вели дека лековитите билки отсекогаш ги користеле луѓето, особено во планинските краеви каде што виреат чаевите.

– Постојат неколку начини да се заштитат овие растенија. Тие може да се одгледуваат оранжериски, да се заштитат во националните паркови и природни резервати, но и со доследно спроведување на конвенцијата САЈТЕС, чиј потписник сме и ние. Таа конвенција предвидува обврска без согласност на државните органи никој да не може да ги откупува лековитите билки. Тоа значи дека понудата ќе биде само во периоди кога тоа е дозволено. Така штетите многу ќе се намалат – потенцира професор Матевски.

Податоците од Министерството за животна средина покажуваат дека во земјава има околу 3.500 васкуларни растителни видови, од кои околу 700 имаат лековити својства. Од нив, само околу 120 вида често се користат.

Превземено од Дневник